Македонија Мијалков се спогоди за „Империја“: Три години затвор и ќе му конфискуваат...

Мијалков се спогоди за „Империја“: Три години затвор и ќе му конфискуваат 36 милиони евра

Фото: Архива на Мета.мк

Сашо Мијалков, осомничен во предметот „Империја“ за перење пари е осуден на три години ефективен затвор откако денеска призна вина во спогодба со обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, објави СДК.

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција потврдиле и за телевизија Телма дека Мијалков ја признал вината и се спогодил за предметот „Империја“.

Деновиве, судија за извршување на санкции треба да му даде упатен акт за во затвор. На Мијалков ќе му се конфискуваат 6,1 милиони евра во готовина, со што ќе го задржи уделот на неговите фирми во хотелот „Мериот“. Воедно, на Мијалков ќе му се конфискува недвижен имот од околу 30 милиони евра во корист на државата, вклучувајќи 25 станови и градежната парцела лоцирана до хотелот „Мериот“.

Мијалков во април годинава доби и казна од 1 година и 3 месеци затвор за предметот „Плацеви на Водно“. Претходно, Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затворска казна за процесот „Таргет-Тврдина“ за незаконското прислушкување, како и во процесот „Трезор“ доби дополнителни 8 години затвор за набавката на опремата за нелегално прислушување.