Главна секција Мијалков го наредил нечовечкото и брутално апсење на Бошкоски

Мијалков го наредил нечовечкото и брутално апсење на Бошкоски

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, е првоосомничениот во случајот „Тортура“, бидејќи ги организирал и ги навел останатите шестмина осомничени, инаку припадници на полициската едница „Алфа“, на нечовечки и брутален начин да го уапсат лидерот на партијата Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, еден ден по изборите во 2011 година.

Апсењето на Бошкоски, во кој полицајците ги надминале своите овластувања за да му удоволат на својот наредбодавач, денеска на прес-конференцијата во СЈО, го образложи, обвинителката Фатиме Фетаи.

Обвинителството не побарало одредување на мерката притвор за првоосомничениот бидејќи било проценето дека нема основи за тоа и дека нема опасност тој да ја напушти земјата. За останатите шестмина осомничени побарана е „мерка на претпазливост“ која предвидува нивните надредни во МВР да водат сметка дали и какви задачи ќе добијат.

Таа, за да ја долови бруталноста на полицајците, јавно го пренесе речникот, навредите и пцостите со кои му се обраќале на Бошкоски, при апсењето на паркингот пред ресторанот „Воденица“.

– Претставата за моќта и општата претстава на личноста на првоосомничениот поранешен директор на УБК предзвикале сервилно однесување на полициските службеници при постапувањето – рече Фетаи, во образложувањето на случајот.