Македонија Мигрантската криза може да ескалира пред 8 март, предупреди Попоски во Женева

Мигрантската криза може да ескалира пред 8 март, предупреди Попоски во Женева

Има основа за загриженост дека мигрантската криза може да ескалира или, во најмала рака, да се компликува порано од 8 март, изјавил меѓу другото министерот за надворешни работи, Никола Попоски, во своето обраќање на 31. сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации, што се одржа денеска во Женева.

„Сите очекуваме справување со мигрантската криза од хуман и од безбедносен аспект. Околу хуманоста кон мигрантите, Македонија и Грција се на иста гранка и затоа е потребна прекугранична соработка. За безбедно справување со мигрантскиот бран, сите очи се свртени кон следниот самит на Европската Унија. Има основа за загриженост дека кризата може да ескалира или, во најмала рака, да се компликува порано од 8 март“, нагласил Попоски.

Во своето обраќање, шефот на македонската дипломатија се осврнал на позначајните прашања на агендата на Советот за човекови права и на актуелните глобални проблеми, со посебен акцент на состојбите во Сирија и на масовните бранови на бегалци и на мигранти.

Попоски истакнал дека е неопходно „итно наоѓање на заедничка стратегија за решавање на мигрантската и бегалската криза на начин кој истовремено би ги зел предвид хуманитарните и безбедносните аспекти“.

Од 5 до 7 март треба да се одржи специјалниот самит на ЕУ и на Турција, на кој, според очекувањата, треба да се договори стратегијата за запирање на бранот бегалци.