Главна секција Мицкоски му се жали на осудениот Кичеец дека го снимиле додека бил...

Мицкоски му се жали на осудениот Кичеец дека го снимиле додека бил на средба со осомничениот Камчев (аудио)

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во разговор со осудениот за случајот „Рекет“ Зоран Милески – Кичеец вели дека се среќавал со осомничениот во случајот „Империја“, Орце Камчев додека овој бил под надзор на властите.

Во снимката, која осамна на анонимен профил на „Јутјуб“, а е продолжение на веќе објавените разговори меѓу Мицкоски и Милески, претседателот на ДПМНЕ му вели на осудениот Кичеец, кој самиот ја призна вината за случајот „Рекет“, дека бил сликан на некоја од средбите со осомничениот за злосторничко здружување и други кривични дела во случајот на СЈО „Империја“.

„Мене ме имаат сликано таму како влегувам. Под ПИ-мерки кога беше тој, ниту излегло муабет од мене дека се слушаме некој пат, ниту друг муабет“, објаснува Мицкоски на снимката и додава дека бил во автомобил и дека го сликале во возилото додека тоа влегува.

На снимката се слуша и женски глас, кој вели: „Го имаат сликано кога беше кај нас, како има дојдено, пошто Орце беше под ПИ мерки“.

На тоа Милески прашува: „Ве имаат сликано? Сигурно?“.

На што Мицкоски одговара: “Сто посто, не мене, колата како влегува“.

Пред речиси еден месец беа објавени уште четири разговори на кои се слушаат стратегии за соработката меѓу Мицкоски и Кичеец за време на претседателските избори.