Свет Балкан Мицотакис: Да се почитува Договорот од Преспа бидејќи Скопје е изолирано, а...

Мицотакис: Да се почитува Договорот од Преспа бидејќи Скопје е изолирано, а не Грција

„Скопје е изолирано, а не Грција. Договорот од Преспа мора да се почитува. Верувам дека ќе се прилагодат на притисоците со кои ќе се соочат“, рече грчкиот премиер

Кријакос Мицотакис, премиер на Република Грција | Фото: Eвропска Унија, 2023

Грчката влада нема да бара ратификација на трите меморандуми за соработка потпишани со Северна Македонија кои се однесуваат на прашања како што се процесот за пристапување во ЕУ сè додека Скопје целосно не го испочитува Договорот од Преспа потпишан во 2018 година, изјави денеска грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а пренесува „Екатимерини“.

„Во овој момент, ние нема да продолжиме со ратификацијата на меморандумите. Ратификацијата ќе му даде моќ на Скопје“, рече тој.

Според него, неговите колеги во Северна Македонија треба да признаат дека изборниот период заврши.

„Скопје е изолирано, а не Грција. Договорот од Преспа мора да се почитува. Верувам дека ќе се прилагодат на притисоците со кои ќе се соочат“, рече Мицотакис и порача Северна Македонија сериозно да ги сфати своите одговорности и да престане да се занимава со ситни политички маневри.

Екатимерини потсетува дека новоизбраната претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова избегна да го користи уставното име како што е предвидено во договорот од Преспа, што пак, предизвика дипломатски спор со Грција.