Свет Европа Меркел подготвена на отстапки во интерес на останувањето на Велика Британија во...

Меркел подготвена на отстапки во интерес на останувањето на Велика Британија во ЕУ

Челниците на Европската унија можеби ќе мораат да разговараат за измени на договорите за да се спроведат реформите што ги бара Велика Британија пред одржувањето на референдумот за останување или излегување од ЕУ, изјави германската канцеларка, Ангела Меркел во интервју за „Би-Би-Си“.

„Ако тоа навистина е потребно, ќе мораме да размислиме“, вели Меркел во одговор на прашањето дали ќе се изменат договорите во ЕУ за да се задоволат британските барања за реформа во Унијата.

Британскиот премиер Дејвид Камерон вети дека повторно ќе се расправа за односите меѓу Лондон и Брисел пред одржувањето на референдумот за британското членство во ЕУ до крајот на 2017 година, истакнувајќи дека смета оти се потребни измени на договорите за да се спроведат реформи.

Меркел, во интервјуто, вели дека би можела да поддржи дел од измените што ги бара Камерон, потсетувајќи дека и претходно се пронаоѓале решенија со примена на исклучоци за некои држави од политиките и од законодавството на ЕУ, за одредени подрачја.

„Оптимист сум и мислам дека ако сакаме, можеме да најдеме добро решение. Тоа е дел од нашата работа, а во неа спаѓа и создавањето потребните услови за останување на Велика Британија во ЕУ“, вели Меркел.