Свет Европа Меркел ќе ја посети Москва на 2 мај, најави Путин

Меркел ќе ја посети Москва на 2 мај, најави Путин

Германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја посети Москва на 2 мај, изјави денеска рускиот претседател, Владимир Путин, на состанокот со премиерот на Баварија, Хорст Зехофер, јавуваат светските агенции.

„Посакајте ми сè најдобро со федералната канцеларка. Ја чекаме посетата на госпоѓа Меркел на 2 мај“, рекол Путин.

Меркел, заедно со францускиот претседател Франсоа Оланд, беше посредник во постигнувањето на мировниот договор во Минск помеѓу проруските сепаратисти на истокот на Украина и украинските сили. Германската кацеларка е жесток критичар на Кремљ поради неговите акции во Украина и во Сирија.

Посетата на германската канцеларка на Русија доаѓа во пресрет на изборите во Германија, закажани на наесен, на кои Меркел ќе се бори за четврти мандат на чело на германската влада.

Инаку, Меркел утре во Вашингтон треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Западните медиуми, цитирајќи официјални претставници на САД, пишуваат дека Трамп ќе бара совет од Меркел што да прави со Русија.