Свет Меј и Меркел: ЕУ е подготвена за санкции кон Русија и кон...

Меј и Меркел: ЕУ е подготвена за санкции кон Русија и кон Асад поради Алепо

Британската премиерка Тереза Меј денеска изјави дека Европската Унија мора да ги разгледа сите опции за да изврши притисок врз Русија и врз сирискиот претседател Башар ал Асад да ги запрат нападите на сирискиот град Алепо.

– Бевме многу јасни во поглед на улогата на Русија. ЕУ треба јасно да си каже што мисли. Доколку продолжат злоделата, ЕУ треба ги разгледа сите опции. Токму тоа и го правиме – рече Меј, додавајќи дека ЕУ се заложила за силна и единствена порака кога станува збор за Сирија.

Истовремено, германската канцеларка Ангела Меркел денеска побара да се стави крај на нападите што ги вршат сириските владини сили и Русија врз Алепо, предупредувајќи дека ЕУ ќе преземе мерки против двете страни доколку, како што наведе, продолжи „варварската акција“.

– Бараме да се стави крај на нападите. Рековме дека би можеле да наметнеме санкции не само за Сирија, туку за сите што се во сојузништво со Сирија. Тоа се однесува и на Русија – рече Меркел во Брисел.

Лидерите на ЕУ ја осудија Русија за бомбардирањето цивили во Алепо, кој е по опсада. Сепак, Италија се противи да се воведат санкции кон Москва поради таквите акции.