Македонија Меѓународен ден на сеќавање на Холокаустот: Да не се повтори никому и...

Меѓународен ден на сеќавање на Холокаустот: Да не се повтори никому и никогаш повеќе

Министерот Бујар Османи на онлајн-меморијал за Денот на Холокаустот на 27 јануари 2021. Фото: МНР

Холокаустот на повеќе од шест милиони Евреи во нацистичките концентрациони логори во текот на Втората светска војна денеска со тага се одбележува во светот, со различни манифестации и пораки дека треба да се преземаат сите можни мерки да не се дозволи никогаш повеќе да не се повтори не само толкав злочин, туку и ништо слично на него.

Во земјава, одбележување на 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот –  организираше Министерството за надворешни работи, во форма на онлајн-конференција. Во траурната бројка на жртвите од Холокаустот се вклучени и 7.144 македонски Евреи, кои своите животи го загубија во Аушвиц – Биркенау, Треблинка и другите логори на смртта.

Претседателот на Собранието на Еврејската заедница во Република Северна Македонија Радојка Хелман – Денковска на комеморацијата порача дека Холокаустот кој се случил на нашиот континент не е само трагична епизода, туку единствено случување со универзално значење што треба да се памети не само заради почит кон жртвите и преживеаните, туку и како поука за светот.

„Денес сме поблиску до моментот кога Холокаустот ќе престане да биде живо сеќавање и ќе стане историја. Следните генерации нема да можат да ја слушнат вистината од оние што го преживеале. Трагедијата на Холокаустот станува знак и опомена за тоа каде може да води говорот на омраза и колку малку е потребно да се уништи еден народ и една цела нација“, рече Хелман – Денковска.

Премиерот Зоран Заев преку својата официјална Фејсбук-страница порача дека огнот на сеќавањето на Холокаустот секогаш треба да свети, а ние секогаш да се бориме против секаков фанатизам, расизам и ксенофобија.

„На овој ден, и на секој друг, да повторуваме „Никогаш да не се заборави, никогаш да не се повтори” и да ги чуваме спомените и на нашите 7.200 сограѓани кои од Скопје, Битола и Штип, во вагоните на смртта беа депортирани во Треблинка, во Полска.
Сеќавањето на нив секогаш да нѐ потсетува дека тишината и молкот можат да биде соучесник на злото и дека наша должност е во секоја ситуација да се спротивставуваме на секоја форма на фашизам, фанатизам, расизам, ксенофобија и геноцид“, напиша Заев.

Меѓународниот ден на Холокаустот се одбележува на денешниот датум во чест на 27 јануари 1945 година, кога советските војници го ослободиле најозлогласениот нацистички концентрационен логор Аушвиц.

На траурот и загубата на македонските Евреи потсети и амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.

„Пред 78 години, над 7.000 македонски Евреи беа депортирани во Треблинка. Денеска се сеќаваме на нив и ги чуваме сеќавањата на преживеаните за да ги потсетиме идните генерации каде води антисемитизмот“, напиша Галовеј, цитирајќи го и твитот на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.

 

„Северна Македонија го одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот. Наша должност е да го чуваме споменот жив за идните генерации. Холокаустот е одвратно потсетување на неподносливите болка и страдања што директно произлегуваат од расизмот и антисемитизмот“, порача македонскиот министер за надворешни работи.