Македонија Меџити: Родителите да ги вакцинираат децата против голема кашлица

Меџити: Родителите да ги вакцинираат децата против голема кашлица

Изминатата година во земјава се евидентирани вкупно три случаи на бордетела пертусис

Photo by charlesdeluvio on Unsplash

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска апелираше до родителите да ги вакцинираат своите деца против голема кашлица (бордетела пертусис), откако беше прашан каква е состојбата со оваа болест во земјата, со оглед на фактот дека на Детска клиника е хоспитализирано шестмесечно бебе со голема кашлица.

„Не можеме преку ноќ да го смениме менталниот склоп на граѓаните. Но, повикуваме на вакцинација затоа што вакцините спасуваат животи. Нашата иднина се нашите деца“, рече министерот Меџити.

Oсвен бебето на Детска клиника, од голема кашлица е заболено и дете од Кичево кое е на домашно лекување. Изминатата година (2023), пак, во земјава се евидентирани вкупно три случаи на бордетела пертусис.

Неодамна, на брифинг со новинарите организиран од Фондација Метаморфозис, д-р Злате Мехмедовиќ кажа дека три болести му се закануваат на европскиот континент, а тоа се пертусис, дифтерија и морбили.

„Дали ќе имаме случаи, зависи од степенот на вакцинација и од свесноста на родителите за неопходноста од вакцинација на нивните деца. Да не дозволиме да учиме повторно на потешкиот начин“, рече д-р Мехмедовиќ.

На истиот брифинг, проф. д-р Александра Грозданова, претседателката на комисијата за имунизација, кажа дека болестите се ставени под контрола благодарение токму на вакцинацијата.