Дописници Маж со мајката и со сестрата ја малтретирал сопругата

Маж со мајката и со сестрата ја малтретирал сопругата

Триесет и петгодишен жител од тетовското село Пирок заедно со своите мајка и сестра, физички ја малтретирал својата една година помлада сопруга. Семејното насилство во полиција го пријавил родителот на жртвата, вчеравечер, околу 23 часот.

Според пријавеното, по бурната вербална расправија, сопругот и другите две лица физички ја нападнале жртвата, ја удирале по главата и по телото, ја влечеле за коса и ја навредувале. Kога таа тргнала пеш да замине кај родителите, сопругот ја стигнал, насилно ја внесол во возилото и заедно продолжиле да ја малтретираат.

Во меѓувреме, пристигнал нејзиниот родител и ја однел во нивниот дом. Случајот веднаш е пријавен во Полициската станица во Камењане.

Половина час по полноќ, тројцата инволвирани во пријавеното семејно насилство се лишени од слобода и се работи на целосно расчистување на случајот.

Според Секторот за внатрешни работи Тетово, минатата година биле регистрирани 60 случаи на семејно насилство. Најчести жртви биле поранешни и невенчани сопруги.

Како причини за семејно насилство, биле наведени финансиски тешкотии, психички растројства и меѓугенерациски недоразбирања.