Здравје Матичните лекари преку протест бараат повеќе пари од Фондот за здравство односно...

Матичните лекари преку протест бараат повеќе пари од Фондот за здравство односно од државниот буџет

Фото: Hush Naidoo Jade Photography on Unsplash

Матичните лекари, на „Светскиот ден на здравјето“ протестираа пред зградата на Министерството за здравство. Тие бараат да им се покачи капитацискиот бод од 63 денари до 90 денари за еден пациент. Согласно тие капитациски бодови матичните приватни лекари од Фондот за здравство, односно од државниот буџет, добиваат приходи за нивните амбуланти и вработени.

Според Лидија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на матични лекари, како и член на Централниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, капитациониот бод, пред четири години бил зголемен на 63 денари по пациент и оттогаш не е покачен „а сѐ е поскапено, гориво, струја, животни трошоци“.

Додека даваше изјава за медиумите Чолакова Дервишова, на протестот дојде и министерот за здравство Беким Сали. Тој кажа дека сите претставници на здруженијата знаат дека се работи на нов модел на финансирање на примарната здравствена заштита.

„Сметам дека денешниот ден е за одбележување на Денот на здравјето, а не за протестирање“, рече Сали.

Матичните лекари кои денеска протестираа бараат и електронско здравство, бараат да се смени начинот на препишување лекови за хронично болните пациенти и да се воведат нови лекови. Бараат и да се најде нов начин на плаќање на лекарите во примарното здравство и на лабораториите, односно се бараат решенија за да има лекари и за опстанок на примарното здравство.