Македонија МАНУ: Апсурдни, неодржливи, невозможни и неостварливи се предлозите за името

МАНУ: Апсурдни, неодржливи, невозможни и неостварливи се предлозите за името

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Таки Фити во своето експозе на годишното собрание на академијата апелираше за изнаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името и ги охрабри властите на Македонија и на Грција да ја преземат одговорноста и храбро да се соочат со реалностите на времето.

Tој порача и дека решение за име за сеопшта употреба е неостварливо и дека не смее да се преговара за идентитетот.

Дефинирајќи ги ставовите на МАНУ во своето обраќање, Фити рече и дека спорот е всушност билатерален, а не интернационален и дека се преговара само за името, а не за идентитетските прашања, кои влегуваат во сферата на елементарни човекови права, за кои не се преговара. Тој се изјасни и против име на македонски јазик кое нема да биде преведено.

– Предлозите името Република Македонија, или евентуално име со географска одредница да се изговара како во македонскиот јазик и да се пишува само со латинско писмо, односно името на јазикот, македонски, исто така да се пишува со латинско писмо и да се изговара како што тоа се прави во нашата земја, се апсурдни и неодржливи. Прифаќањето на ерга омнес решение, едно име за севкупна, значи едно име и за меѓународна и за внатрешна употреба  би значело промена на уставот на Република Македонија, промена на имињата на нашите институции, ревизија на сите меѓународни договори, билатерални и мултилатерални во кои се користи уставното име на земјата, и тн. Според тоа, ваквото решение е фактички невозможно и неостварливо – рече Фити.