Дигитални права Манчевски на форумот „Иностарт“: Mоторите на дигиталната трансформација се ИКТ-компаниите

Манчевски на форумот „Иностарт“: Mоторите на дигиталната трансформација се ИКТ-компаниите

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска учествува на форумот „Иностарт“ (Innostart) во Софија.

На панел сесијата „Градење на иновативни екосистеми во Југоисточна Европа: политики, поддршка и претприемништво“, Манчевски се обрати заедно со бугарскиот министер за транспорт и комуникации, Росен Желиасков и министерот за иновации и технолошки развој на Србија, Ненад Поповиќ.

„Ние, како Влада, сметаме дека еден од моторите на дигиталната трансформација се ИКТ-компаниите. Активностите за дигитализација бараат партнерски однос на владата и компаниите, но нивното спроведување бара и големи финансиски средства“, истакна Манчевски.

Тој ја претстави и идејата зад Научно-технолошкиот парк во Скопје, на чија имплементација се работи во моментов.

„Пред неколку месеци го отворивме бизнис акцелераторот и го најавивме првиот Научно-технолошкиот парк, во Скопје. Целта е технолошкиот парк да претставува „слободна зона-заеднички простор“ кој ќе ги охрабри студентите, професорите и бизнисите да се поврзат и комуницираат, да споделуваат идеи, искуства, знаења“, рече Манчевски.

На панел-сесијата, со видео-повик се обрати и еврокомесарката за дигитална економија и општество, Мариа Габриел. Таа ги поддржа напорите на регионот, со помош на дигитализацијата да биде поблску до Европската Унија.

Форумот „Иностарт“ е организиран од Американската стопанска комора во Бугарија и Израел, со поддршка на Амбасадата на САД и Амбасадата на Израел во Софија.

Еднодневниот форум на едно местo собира високи владини претставници и меѓународни претпријатија од Израел, САД и од регионот, за да разговараат за најдобрите практики за градење на одржлив старт-ап екосистем и иновативна заедница.