Економија „Макпетрол“ ќе ѝ го продаде на Владата својот дел од сопственоста на...

„Макпетрол“ ќе ѝ го продаде на Владата својот дел од сопственоста на „ГА-МА“

„Макпетрол“ АД Скопје и македонската Влада побараа медијација во Центарот за решавање на спорови на Енергетската заедница заради конечно, законито и правично регулирање на своите сопственички односи во „ГА-МА“ АД Скопје, во согласност со Законот за енергетика и со Третиот енергетски пакет, кој е инкорпориран во Законот, соопшти „Макпетрол“ преку Македонска берза.

„Со целосна поддршка од Енергетска заедница, постигната e согласност помеѓу „Макпетрол“ АД Скопје и Владата да се склучи Спогодба со која вонсудски ќе се завршат судските спорови во врска со „ГА-МА“ АД Скопје, по што согласно пазарна цена, утврдена со проценка од овластени проценители, „Макпетрол“ АД Скопје ќе го продаде својот дел од сопственоста во „ГА-МА“ АД Скопје на Владата. Во периодот што следи, „Макпетрол“ АД Скопје и Владата ќе треба да донесат соодветни правни акти за официјално потпишување на Спогодбата“, информираат од компанијата.

Оттаму додаваат дека Енергетската заедница се обврзала да ја следи имплементацијата на вонсудската спогодба и да ја дава потребната поддршка сè до конечно завршување на целата постапка.

„Макпетрол“ и државата водат спор за тоа кој има поголем удел во гасоводот, повеќе од 12 години. Но пред неколку месеци, компанијата побара вонсудско решавање на деценискиот спор, а предлог-спогодбата државата ја имаше доставено до Државното правобранителство.