Дописници Македонците од Албанија го славеа делото на светите браќа Кирил и Методиј

Македонците од Албанија го славеа делото на светите браќа Кирил и Методиј

Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, со повеќе манифестации, повеќе денови и во неколку населени места, го одбележаа и етничките Македонци во Албанија.

Во општина Пустец, единствената како таква што преживеа со новата територијална кројка во Албанија, во селото Долна Горица, настанот беше одбележан како Ден на писменоста и просветата.

Од овој крај, потекнува учителот Никола Беровски, авторот на првиот буквар на македонски јазик во Албанија.

Пред младите беше одржан историски час и беа рецитирани ученички песнички за светите солунски браќа, рамноапостолите Кирил и Методиј.

Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, а за ликот и делото на македонските и сесловенските просветители светите солунски браќа Кирил и Методиј Македонците, зборуваше писателот Спасе Мазенковски.

Песни за Светите Кирил и Методиј, рецитираа ученици од основните училишта во седумте села на општината, како и од гимназијата во Пустец.