Економија Македонските плати во август скокнале за 11,3 отсто, информатичарите со највисоки приходи

Македонските плати во август скокнале за 11,3 отсто, информатичарите со највисоки приходи

Фото: Порталб.мк/Суад Бајрами

Програмерите со просечна нето-плата од 83.556 денари во август 2022 година остануваат со највисоки приходи од личен доход во земјава. Државниот завод за статистика денеска ги објави податоците за просечната исплатена нето-плата во земјава, која е зголемена за 11,3 отсто во август годинава споредено со идентичниот месец лани. Просечната нето-плата по вработен во земјава изнесувала 31.871 денар.

Изразено во проценти, ваквото зголемување на личниот доход на вработени се должи, првенствено на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Преработувачка индустрија (16,2 отсто), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (16,1 отсто) и Уметност, забава и рекреација (15,6 отсто).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (4,1 отсто), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (3,8 отсто) и Рударство и вадење на камен (3,1 отсто).

Најниската просечна нето-плата во земјава пак во август 2022 година била исплатена во секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, каде нејзината вредност изнесувала 24.218 денари.