Економија Македонските компании ќе го претстават својот потенцијал во Кина

Македонските компании ќе го претстават својот потенцијал во Кина

Македонските компании од прехранбената, фармацевтската индустрија, ИТ-секторот, производството на алкохолни и на безалкохолни пијалоци и на високо-технолошки производи ќе имаат можност да учествуваат на Саемот за инвестиции и трговија во Нингбо, Кина, кој ќе се одржи од 9 до 12 јуни.

Како што беше истакнато денеска на прес-конференцијата на Сојуз на стопански комори, Саемот за инвестиции и за трговија претставува меѓународен настан кој ги обединува можностите за инвестирање на компаниите, но и за остварување на конкретна трговска соработка со компании од Кина и од Централна и од Источна Европа.

Ќе се прикажат повеќе од 3.000 видови производи, од различни бизнис-сектори и ќе присуствуваат компании од 16 земји од ЦИЕ, заедно со 45 бизнис-делегации на посетители.

Во рамки на саемот, покрај можноста за посета на илјадници изложувачи, ќе се одржи и инвестициски форум, на кој ќе учествуваат компании и претставници од Кина и од земјите од ЦИЕ и на кој ќе можат и македонски компании да присуствуваат, а дополнително ќе имаат можност и да учествуваат на конференции, форуми, како и на културни манифестации.

Дополнително, додека трае саемот, ќе се отвори првиот македонски дегустациски изложбен простор, кој се наоѓа веднаш до саемот во Нингбо и ќе биде функционален цела година.

За сите македонски компании што сакаат со нивните производи да бидат дел од овој изложбен простор, ќе биде обезбеден бесплатен транспорт од Македонија до Кина, а рокот за пријавување за истиот е до 10 мај 2016 година. Од македонска страна, веќе се испратени производи од осум компании, а за дополнително пријавените компании, се подготвува и втората пратка за Кина.

Според обемот на трговска размена, Кина е меѓу првите десет трговски партнери. Во 2015 година, извозот на Македонија во Кина изнесува 129 милиони евра, додека увозот од Кина во Македонија е 352 милиони евра.