Главна секција Македонските државјани во странство од денеска може да се пријавуваат за гласање

Македонските државјани во странство од денеска може да се пријавуваат за гласање

Пријавувањето за гласање на македонски државјани што живеат во странство може да почне денеска зашто Државната изборна комисија (ДИК) има подготвено посебна апликација, соопштија вчера од Комисијата. Пријавувањето на овие граѓани ќе трае до 11 ноември.

Државната изборна комисија на вчерашната седница го усвои роковникот за извршување на изборните дејства, откако ја доби одлуката за распишување предвремени парламентарни избори на 11 декември, што вчера ја потпиша претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Во документот на Комисијата се наведува дека избирачкиот список ќе биде ставен на увид на 28 октомври, а увидот ќе заврши на 11 ноември. ДИК на 1 декември треба да ги потпише изводите од избирачкиот список.

За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на избирачкиот список.

Од ДИК соопштија дека политичките партии и независните кандидати треба да ги достават листите на кандидати за пратеници до Комисијата најдоцна до 11 ноември на полноќ. Ждрепката за редоследот треба да се одржи на 20 ноември, по што од следниот ден почнува изборната кампања, која ќе трае до 9 декември.

Членовите на ДИК на вчерашната седница усвоија барање што ќе биде доставено до Министерството за внатрешни работи за доставување податоци за граѓаните.