Македонија Македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори, вели...

Македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори, вели Заев

Фото: Влада на РСМ

Европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања, напиша премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук-профил.

„Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди. Европските лидери мора сериозно да земат предвид дека бескрајните и повторувачки разочарувања неминовно им ја отвораат вратата и ги охрабруваат евроскептиците. Токму затоа ЕУ мора да изнајде формула како да го одржи зборот и да го продолжи проширувањето на Западен Балкан,“ напиша Заев.

Тој додава дека државата покажала храброст и искрена волја за решавање на билатералните односи преку взаемно почитување и заштита на националното достоинство.

„Во преговорите или во рамката не треба да се внесуваат билатерални прашања. Тоа е опасен преседан, и тоа е став кој го делат сите останати земји-членки на ЕУ. Македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори. Никој и со ниту еден акт не смее да ги доведе во прашање човечкото достоинство, еднаквоста и солидарноста, владеењето на правото, човековите права,“ потенцира Заев.