Македонија Македонскиот буџет за одбраната догодина ќе се зголеми за над 24 отсто

Македонскиот буџет за одбраната догодина ќе се зголеми за над 24 отсто

Фото: Влада на РСМ

Македонскиот буџет за одбрана во 2023 година ќе изнесува 274 милиони евра и ќе биде зголемен за 24,45 отсто во споредба со годинешниов буџет, односно државата за одбраната ќе издвои 1,85 отсто од БДП. Ова денеска го соопштија премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Предложениот буџет на одбраната и во 2023 година бележи континуирано зголемување и овозможува развој на одбранбените капацитети, модернизација, унапредување на стандардот на припадниците на Армијата и зацврстување на националната и колективната безбедност.

Според премиерот Ковачевски, повисокиот буџет за обраната „значи влог во мирот и стабилноста на луѓето”.

Министерката за одбрана Петровска рече дека и годинава сме покажале дека ги почитуваме обврските и стандардите кои сме ги прифатиле како земја-членка на НАТО.

„Продолжуваме со динамиката на зголемување, а во 2024 година ќе го реализираме она што го презедовме како обврска, а тоа е во 2024 година издвојувањето за одбраната да изнесува 2% од БДП. Задоволство ми е да ве информирам дека со предложениот буџет за 2023, за опрема и модернизација издвоивме 33% од буџетот“, изјави министерката Славјанка Петровска.

Средствата за опремување и модернизација на Армијата се зголемени за 6% во однос на овој дел од буџетот за 2022 година. Притоа, со буџетот е планирано да се набават лесни оклопни возила JLTV и STRYKER, систем за противвоздушна одбрана, како и да се набави информатичка опрема, опрема за сајбер одбрана и други средства. Главен фокус догодина ќе биде опремувањето и подобрувањето на условите за работа на Лесната пешадиска баталјонска група.

Воедно, со буџетот за одбраната ќе продолжи исполнувањето на сите тековни логистички потреби на Армијата – набавката на чизми, униформи, спортска и алпинистичка опрема, материјални средства и муниција за обуки и вежби. Во одбраната продолжува и реконструкцијата на објекти и инфраструктура на Армијата, информираше министерката Петровска, и тоа со 10 милиони евра повеќе од 2022 година.

„Во буџетот се предвидени 16 милиони евра за реконструкција на објекти и инфраструктура во Министерството за одбрана и Армијата“, рече Петровска, додавајќи дека ќе се спроведат мерки за енергетска ефикасност и ќе се промени начинот на греење на касарните преку нивна гасификација.

Министерката истакна дека во 2022 година завршени се 15 проекти за реконструкција и реновирање на објекти, додека за 2023 година се планираат 28 вакви проекти низ поголем број касарни во државата и на полигонот „Криволак“.

Средства се предвидени и за подобрување на стандардот на припадниците на Армијата – повисоките плати согласно измените во Законот за служба во Армијата, месечниот надоместок за станарина кој сериозно ги надополнува домашните буџети на припадниците на Армијата, како и можноста за отпремнина на професионалните војници по навршување на 45-тата година старост, во висина од 20-25 илјади евра.

Во буџетот за 2023 година планирани се средства за новите 200 војници чиј прием ќе заврши до крајот на годинава, како и за нови 300 професионални војници, 60 офицери и 120 подофицери.

Следната година се планира и учество во повеќе мисии на НАТО, Обединетите Нации и Европската Унија, и тоа со вкупно 226 припадници на Армијата или 111 повеќе од 2022 година.