Македонија Македонски ЛГБТИ-центар и коалиција СЗПМЗ: Нападот во Орландо е хетерофашизам

Македонски ЛГБТИ-центар и коалиција СЗПМЗ: Нападот во Орландо е хетерофашизам

Од ЛГБТИ-центарот за поддршка и Коалицијата Сексуални и здравстени права на маргинализираните заедници денеска изразија загриженост и жалење по повод вчерашниот напад врз клубот за хомосексуалци во Орландо, Флорида, во кој животот го изгубија 50, а ранети беа уште 53 ЛГБТИ-луѓе.

Оттаму изразуваат сочувство кон сите пријатели, партнери и семејства на загинатите, кон сите нехетеросексуалци во Орландо кои во овој напад го гледаат одразот на долгоодржуваната омраза и насилство врз сексуалните и родовите малцинства.

„Трагедијата што го шокираше светот вчера мора да биде именувана со вистинските зборови и разбрана во нејзината комплексност и историја. Станува збор за напад кој е одраз на историски и глобално креираната и одржувана хомофобија. Слика на долготрајните процеси на дехуманизација што го прават можен лудачкиот чин на ладнокрвно убивање на 50 луѓе и пукање во уште толку други. Исход не само на радикалната страна на религиозното и на фундаменталистичкото насилство, туку и на државното и системско насилство со кое се соочуваат нехетеросексуалците во Америка и речиси секаде во светот. Ова е првенствено хомофобичен напад. И не смееме да заборавиме, хомофобијата не е ментална болест. Хомофобијата е исход на историјата на општествено, политичко и културно насилство на цел еден систем, кое слободно можеме да го наречеме хетерофашизам“, велат од ЛГБТИ-центарот и Коалицијата СЗПМЗ.

Од таму додаваат дека жалењето и ранливоста мора да создадат поинакви политики, политики на грижа, на солидарност, на поддршка, а не политики на напад, окупација и на насилство.