Свет Балкан Македонски камиони заглавени на солунското пристаниште поради блокадата на Евзони

Македонски камиони заглавени на солунското пристаниште поради блокадата на Евзони

Петдневната блокада на граничниот премин Евзони продолжува да создава проблеми и за македонската и за грчката страна. Блокадата на границата од страна на грчките земјоделци, на пристаништето во Солун остави заглавени голем број камиони и илјадници тони производи и стока наменети за македонските индустрии.

Грчката информативна агенција АПЕ пренесува дека доколку вечерва или за време на викендот не се отвори границата, од вторник солунското пристаниште ќе има проблеми бидејќи нема да има доволно слободен простор за да се истоварат и да се складираат новите контејнери што ќе дојдат следната недела.

Првиот човек на пристаништето, Константинос Мелиос, во изјава за АПЕ истакнал дека е голем проблемот за македонските фабрики и индустрии бидејќи само 10 отсто од камионите што пренесуваат товар кон Македонија се обидуваат да излезат од Грција по споредни патишта и преминот кај Дојран, а најголемиот дел од камионите стојат заглавени на пристаништето без да може да ги извезат стоката и производите.

– Во моментов на пристаништето се насобрани 15.000 тони никел, 10.000 тони сол и 7.000 тони челик, сите наменети за индустриите во Македонија. В понеделник чекаме на пристаништето да пристигнат уште два брода кои носат 43 тони никел – вели Мелиос.