Свет Балкан „Лукоил“ има рок од 30 дена да го врати на Бугарија пристаништето...

„Лукоил“ има рок од 30 дена да го врати на Бугарија пристаништето „Росенец“

Ако „Лукоил“ не го врати пристаништето, тоа потоа во средината на септември ќе биде преземено со административна одлука

Сателитска снимка на пристаништето со резервоарите; Извор: Гугл Мапс

Откако владата на Бугарија на крајот на минатата седмица донесе одлука да ја укине концесијата на рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ АД за пристаништето „Росенец“, од завчера на оваа компанија ѝ тече 30-дневен рок да го врати ова пристаниште, што го користи без каква било контрола од бугарската држава, јави mediapool.bg.

Концесијата за пристанишниот терминал руската компанија „Лукоил“ го добила од владата на ГЕРБ на Бојко Борисов во мај 2011 година, на период од 35 години, за неверојатно ниска цена од 977.915 лева еднократно, и потоа годишна надомест од 385.000 евра.

За тие пари што ги плаќа руската компанија „Лукоил“ има ексклузивни права и никој не може да контролира колку нафта и деривати и кои други стоки се внесуваат преку ова пристаниште. Концесионерот ветил и да инвестира 44,2 милиони лева во реконструкција на терминалот, која почна во август 2019 година.

По почетокот на војната во Украина на 24 февруари минатата година, во Бугарија почна дискусија за укинување на штетната концесија, но по два обида за тоа, конечниот чекор беше направен на 11 август. Критиките од противниците на ГЕРБ беа дека е склучено неверојатно штетен и коруптивен договор.

Ако „Лукоил“ не го врати пристаништето, тоа потоа во средината на септември ќе биде преземено со административна одлука.