Македонија Љубчо Георгиевски предлага секое село да стане општина

Љубчо Георгиевски предлага секое село да стане општина

Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, предлага секое село да стане општина и со тоа да добие политички и економски влог. Тој на денешната прес-конференција рече дека ако има избори, оваа идеја ќе биде дел од партиската програма.

– Секој ден ги слушам ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ како се натпреваруваат со решенија за микропроблеми. Ние сакаме да пласираме системско политичко решение кое ќе донесе промени на многу нешта во Македонија. Секое село може да стане општина, да се направи целосна децентрализација. Верувам дека оваа провокација ќе биде прифатена од многу структури – изјави Георгиевски.

Според него, така ќе се реши проблемот со иселувањето на луѓето од селата во градовите и во странство, а ќе се реши и голема неправда.

– Сега сите општини во Македонија работат за Општина Центар, која не сака да ѝ се прави тоа што ѝ се прави – рече Георгиевски.

Ако сакате во некое село да направите нешто, дададе тој, таму нема со кого да комуницирате.

– Македонија е веројатно единствената земја што функционира на овој начин. Ако влеземе во ЕУ, селата, бидејќи немаат ниту жиро-сметки, нема да може да аплицираат за проекти. Ако оваа децентрализација не се направи сега, ќе мора тогаш. Ова ќе треба да биде проследено и со финансиска децентрализација – рече Георгиевски.

Со ова, смета лидерот на ВМРО-НП, ќе се релаксираат и меѓуетничките односи.

Во однос на предизборните коалиции, тој вели дека во најблиска соработка се со партиите од десниот блок. Контакт имаат и со СДСМ, но, како што вели, има чувство дека Социјадемократскиот сојуз се откажал од идејата за една голема коалиција.

На прашањето дали ќе има избори на 11 декември, Георгиевски вели дека се подготвува како да ќе има, иако последнава недела и до него стасуваат повеќе шпекулации дека изборите повторно ќе се одложат.