Свет Европа Лондон сака привремена царинска унија со ЕУ по Брексит

Лондон сака привремена царинска унија со ЕУ по Брексит

Велика Британија сака да преговара со Брисел за „привремена царинска унија“, по излегувањето на земјата од Европската Унија, соопшти денеска британското министерство за Брексит.

Во соопштението се наведува дека британската влада сака „транзициски период“ за време на кој би се одржала „блиската врска“ со европската царинска унија.

„Еден од можните пристапи е привремена царинска унија меѓу Велика Британија и ЕУ и за време на тој период на транзиција, кој би бил договорен со Брисел, Британија би договарала нови трговски договори ширум светот“, стои во соопштението.

Експертите, пак оценуваат дека ќе биде многу тешко да се испреговара нов трговски договор меѓу Велика Британија и ЕУ пред земјата да ја напушти Унијата, што треба да се случи во 2019 година.

Пратеникот на лабуристите во британскиот парламент, Крис Лесли предлогот за привремена царинска унија го опишал како „список на убави желби“.

Преговорите меѓу Велика Британија и ЕУ почнаа во јуни, оваа година и засега се водат околу три клучни точки – правата на граѓаните на ЕУ во Британија во иднина, финансиските детали и границата со Ирска.