Свет Лидерите од ЕУ веројатно ќе ја бојкотираат кинеската воена парада

Лидерите од ЕУ веројатно ќе ја бојкотираат кинеската воена парада

Лидерите од Европската унија најверојатно нема да присуствуваат на кинеската воена парада со која ќе се одбележи годишнината од крајот на Втората светска војна во Азија, изјави денеска Ханс Дитмар Швејсгут, амбасадор на ЕУ во Пекинг.

Швејсгут рече дека и понатаму не е јасно дали на парадата ќе биде промовирано помирување или ќе биде поттикнат уште поголем анимозитет, алудирајќи на спорот меѓу Кина и Јапонија за воената историја и за територијалниот спор околу островите во Источното Кинеско Море.

– Сега знам дека парадата е претставена како нешто што ја одразува приврзаноста кон мирот, но мислам дека треба да се сфати дека секогаш постоела непријатност кога станува збор за ваков вид воени паради – рече Швејсгут.

ЕУ-амбасадорот истакна дека тоа што европските лидери нема да присуствуваат на парадата не значи оти не ја почитуваат улогата на Кина во војната или страдањата на кинескиот народ за време на јапонската окупација (1937-45).

Засега само Русија потврди дека ќе испрати свои претставници и војници да учествуваат на парадата на 3 септември.