Македонија  ЛДП: „Еразмус“ ги потврди двојните аршини на македонското правосудство

 ЛДП: „Еразмус“ ги потврди двојните аршини на македонското правосудство

Либерално-демократската партија денеска преку соопштение го повика македонското правосудство да ги применува правдата и законите еднакво за сите.

Од ЛДП велат дека случајот „Еразмус“ ги потврдил двојните аршини на македонското правосудство.

„По барање на Јавното обвинителство, Кривичниот суд Скопје денеска донесе одлука да им забрани на четворица осомничени професори од Економскиот факултет да продолжат да предаваат. Прашуваме, во што е разликата со осомничените политичари од власта, кои се товарат за криминал, за злоупотреба на службената положба и овластувања, за местење избори и за корупција, а кои и понатаму се на слобода, а еден од нив дури и води општина од куќен притвор. Дали правдата и законите во оваа држава важат исто за сите или аршините се различни во зависност од тоа кој на која политичка партија ѝ припаѓа? Повикуваме, Кривичниот суд да ја преиспита мерката куќен притвор за градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој и покрај тоа што е осомничен од СЈО за криминал тежок 360.000 евра, од дома ја води општина Битола, потпишува службени документи, распишува тендери и располага со парите на битолчани“, пишува во соопштението на ЛДП.

Од партијата побараа и јавно објаснување зошто само осомничените од предметите што ги води СЈО, а кои се дел од власта можат да одат на работа, да потпишуваат службени документи и да се занимаваат со политика.