Главна секција Курц: На митингот присуствував како член на сестринска партија и тука нема...

Курц: На митингот присуствував како член на сестринска партија и тука нема ништо спорно

На вчерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ присуствував како член на Европската народна партија и тука нема ништо спорно, рече министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, како одговор на новинарско прашање по денешната средба со неговиот македонски колега, Никола Попоски.

– Овде сум како австриски министер за надворешни работи. Вчера бев на настан на партијата, присутен како претставник на Народната партија на Австрија. За мене не е невообичаено да се посетуваат настани на сестрински политички партии. Во мојот говор не им посочив на луѓето за кого да гласаат. Ги повикав да излезат на избори, а одлуката треба тие да ја донесат – рече Курц.

Курц додаде дека ги повикал граѓаните на Македонија да излезат на избори, а за кого ќе го дадат својот глас решаваат само и единствено тие.

Австрискиот министер за надворешни работи во неговата изјава по средбата со Попоски, истакна дека спроведувањето на слободни и фер избори, како и имплементација на реформските приоритети ќе ја вратат Македонија на патот кон европската интеграција.

– Се надевам дека ќе успеете да направите важни реформски чекори, пред сè во правец на зајакнување на правната држава и во правец на тоа што сега е нужно, а тоа се слободни и фер избори кои треба да се спроведат. Доколку тоа успее, тогаш Македонија се наоѓа на добар пат кон ЕУ и, секако, ќе има и отворање на преговорите. За мене е тоа исклучително позитивно и коректно – рече Курц, изразувајќи поддршка за македонската евроинтеграција.

Министерот Попоски се заблагодари за австриската поддршка и додаде дека Македонија работи интензивно во што е можно пократок временски период да почне процес на преговори со посебен фокус на фундаменталните поглавја 23 и 24 од преговорите.

Двајцата министри на денешната средба усвоија Акциски план за соработка за 2017 година, кој се однесува на интеграцијата во ЕУ, соработката во Берлинскиот процес, како и соработка во рамки на претстојното австриско претседавање со ОБСЕ во 2017 година.

Вчера министерот Курц се појави на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, каде им се обрати на собраните граѓни и истакна дека Македонија е на добар пат кон Европската Унија.

– Бегалската криза беше голем предизвик за Австрија. Многу сум ви благодарен што нè поддржавте во оваа тешка состојба за нас. Ви посакувам многу среќа и енергија во вашата изборна кампања. Особено ме радува што ме поканивте на оваа импресивна манифестација – рече Курц.