Свет Европа Курц: На мигрантите да им се помогне во нивните матични земји

Курц: На мигрантите да им се помогне во нивните матични земји

Австрискиот канцелар Себастијан Курц во интервју за весникот „Билд ам Зонтаг“ повика да се запрат обидите за наметнување на квоти за раселување на бегалците и предложи да им се помогне на бегалците во земјите од каде што доаѓаат.

Додека беше министер за надворешни работи, Курц ја критикуваше одлуката на германската канцеларка Ангела Меркел во 2015 година во својата земја да прифати над еден милион мигранти. Откако ја презеде функцијата австриски канцелар, управувајќи со коалиција со десничарската Австриска партија на слободата, тој застана на страната на централноевропските земји, кои се противат на предлозите за раселување на барателите на азил во ЕУ, кои ги поддржува Германија.

– Принудувањето на земјите од ЕУ да прифатат бегалци не ја води Европа кон напредок. Дискусијата нема смисол. Мигрантите што одат кон Европа не сакаат да одат во Бугарија или Унгарија. Тие сакаат да одат во Германија, Австрија или Шведска – вели Курц.

Наместо да вложуваат напори во една, според него, неуспешна политика, Курц ја повика ЕУ да ги поддржи, „можеби со воена сила“, напорите да им се укаже помош на мигрантите во нивните матични земји или во соседните земји.

– Ако тоа не е можно, треба да им се помогне во безбедните области на нивниот континент. ЕУ треба да помогне во тоа, можеби дури и да го организира и да го поддржи со воена сила – истакна новиот австриски канцелар.