Македонија Кривичниот суд одговори: Ние не сме фотокопирница за класифицирани списи

Кривичниот суд одговори: Ние не сме фотокопирница за класифицирани списи

Ниту судот одолговлекува, ниту избегнува, ниту бега да ја утврди правдата, основна уставна и законска обврска на судот е токму извршувањето на таа функција, а причините за досегашното одложување на оваа постапка се познати на јавноста, се вели во реакцијата на Кривичнот суд по одложувањето на денешното рочиште за случајот „Пуч“.

„Нејасна и тенденциозна е изјавата во јавноста дека судот е тој што ја опструира работата на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), при што јавно се прозива Кривичниот суд како законски единствен стварно и месно надлежен суд дека не поседува сертификат за пристап до класифицирани информации наспроти странките, со што јавно се девалвира и се навредува улогата и позицијата на судот и на судиите во постапката, а со политички говор се издигнува улогата на СЈО“, стои во во соопштението од судот.

Оттаму велат дека во конкретната ситуација не е спорно дали некој има или нема сертификат да врши увид и да работи со списите во предметот, во кои има класифицирани информации, и додаваат дека за судот ова е расчистено прашање.

„На СЈО му е дозволен непречен увид во секое време во сите списи на предметот. Замената на тезите дека некој има сертификат или нема не содејствува со барањата на СЈО. Судот не може спротивно и со повреди на Законот за класифицирани информации да се претвори во фотокопирница и да копира класифицирани списи и докази затоа што нема такво овластување“, се вели во реакцијата.

Од Кривичниот суд, исто така, ги повикуваат обвинетите во „Пуч“ да не ја злоупотребуваат постапката за политички говори и за „директен напад и непочитување на институцијата суд и на овој начин да вршат притисок врз неговото работење“.

Денешото рочиште за „Пуч“ беше одложено на барање на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која образложи дека одложувањето не е по нивна вина, туку за тоа е одговорен судот, бидејќи не ги дава бараните копии од списи и електронски докази кои му се потребни на СЈО за да ги подготви воведните зборови за судењето.

Јанева побара на рочиштата во судот да биде присутен и сведокот, кој е оштетен во случајот „Пуч“, односно поранешниот премиер и актуелен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.