Македонија Кривична пријава за тројца македонски државјани, се приклучиле на ИСИС

Кривична пријава за тројца македонски државјани, се приклучиле на ИСИС

Полицијата, во претресите на нивните домови во Скопје, одзеде огнено оружје, муниција, мобилни телефони и други електронски уреди кои можат да содржат дополнителни докази за извршеното кривично дело

Фото: Принскрин од видео на МВР

Во рамките на глобалната борба против тероризмот полицијата приведе тројца македонски државјани, на кои им е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело “служба во непријателска војска”, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Тие, како што кажаа од МВР, се приклучиле во вооружените формации на терористичката организација Исламска држава (ИСИС) на територијата на Сирија во текот на 2014 година и активно учествувале во воените дејствија.

Службите за безбедност на МВР во соработка со Агенцијата за национална безбедност и други партнерски безбедносни служби реализираа координирана акција ги уапсија осомничените на територијата на Република Северна Македонија и Франција.

Полицијата, во претресите на нивните домови во Скопје, одзеде огнено оружје, муниција, мобилни телефони и други електронски уреди кои можат да содржат дополнителни докази за извршеното кривично дело.

Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам поднесе кривична пријава против нив пред Основното јавно обвинителство за сторено кривично дело „служба во непријателска војска“ предвидено во член 322 од Кривичен законик.