Главна секција Кражбата на околу 3 милиони евра од НЛБ, најголем грабеж во историјата...

Кражбата на околу 3 милиони евра од НЛБ, најголем грабеж во историјата на Македонија

Случајот од вчера, кога вработен во НЛБ украл речиси 3 милиони евра во франци и во евра од трезорот на банката, е најверојатно најголемиот грабеж во историјата на суверена Македонија.

Вечерта едно лице било приведено за овој грабеж, со што случајот влегува во друга интересна статистика – еден од најбргу расчистените грабежи во поновата македонска историја. Во МВР не сакаат да потврдат дали парите се пронајдени.

Со речиси три милиони евра, барем според сегашните информации, сумата украдена од трезорот на НЛБ е 15 пати поголема од другата слична кражба од трезор на банка, во 2014 година. Тогаш беше осомничен главниот трезорист со ортаци од „Охридска банка“. Во вчерашниот случај, пак, директорот на трезорот на НЛБ е тој што ја пријавил кражбата. Имено, во септември 2014 година, тројцата вработени во „Охридска банка“ добија кривични пријави оти во период од три месеци, манипулирајќи со парите со кои требало да се полнат банкоматите, од банката украле вкупно 200.000 евра.

Тоа се најголемите кражби на пари во Македонија направени без закана со оружје.

Досега најголемиот грабеж на пари од банка е тој од 9 јануари 2010 година, кога од „голф“ на „Стопанска банка Битола“, на патот Прилеп-Битола, под закана за оружје беа однесени 450.000 евра.

Најголемиот поединечен вооружен грабеж на возило со пари, пак, е тој од декември 2005 година, кога на уличката во скопска Топана, под касарната „Илинден“, од комби на „Македонска пошта“ беа украдени 670.000 евра.

Сличен грабеж како тој на патот Прилеп-Битола се случи во февруари лани во Велес, кога беше пресретнато возило на фирма за обезбедување и под закана со оружје ѝ беа украдени околу 65.000 евра. Разбојниците беа наскоро пронајдени.

Најголемата сума вкупно одземена од некоја институтција е, секако, таа од вкупно 2,5 милиони евра, но во различни грабежи извршени во експозитури на АД „Македонска пошта“, најчесто на поштенските комбиња со кои се вршеше трансферот на парите. Грабежите се случуваа интензивно до пред седум-осум години, а во вкупната сума влегува и погоре споменатиот грабеж на 670.000 евра.

Оваа серија грабежи влезе и во листата на најголеми светски грабежи што во 2013 година ја направи деловниот магазин „Бизнис инсајдер“.