fbpx

Поднесен Обвинителен акт против Мухамед Зекири за злоупотреби „тешки“ повеќе од 1,45 милиони евра

-

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) денеска во Основниот кривичен суд Скопје поднело Обвинителен акт против поранешниот Генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, со кој го товари за злоупотреби во службата. Истовремено, од судот било побарано да биде продолжен куќниот притвор на Зекири, се вели во соопштението од Обвинителството.

Зекири се товари за незаконско склучување консултантски договори „тешки“ речиси, 1,454 милиони евра. Предмет на договорите биле „Македонска пошта“ и „Железници на РСМ Транспорт АД Скопје“

ОЈО-ГОКК го товари Зекири дека од април 2021 година до март годинава сторил продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, односно како Генерален секретар на Владата на РСМ, со умисла извршил две дејствија за коишто со Обвинителниот акт Обвинителството побара судот да му суди.

Според Обвинителството, на 4 мај 2021 година, Зекири без да спроведе постапка за јавна набавка, со умисла потпомогнат од осомничени хрватски државјани, кои сега се недостапни на органите на прогон, склучил договор за консултантски услуги со правно лице на износ од 795.000 евра. Еден од осомничените хрватски државјани е соосновач и управител на наведената фирма, која била основана 20 дена пред склучувањето на Договорот.

По склучениот договор, фирмата склучила Договор за консултантски услуги за постапка на процена на вредноста, како и длабинско снимање на АД Пошта на Северна Македонија Скопје со вториот осомничен хрватски државјанин, за износ од 130.000 евра во денарска противвредност.

Потоа во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ се исплаќани пари на фирмата на Хрватот, при што противправната имотна корист што таа ја остварила изнесува 57.932.100 денари (речиси 942.000 евра), односно сумата на договорот плус 18% ДДВ, а за кој износ е оштетен државниот буџет

Вториот договор за кој ОЈО-ГОКК го гони поранешниот Генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, е договор за консултантски услуги за поддршка во процесот на потенцијална приватизација на Железници на РСМ Транспорт АД Скопје и бил склучен наредниот месец, односно на 23 јуни 2021 година. Договорот е склучен со друго правно лице, различно од првото, а изнесувал 772.400 евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ.

На сметката на тоа правно лице Владата првично исплатила аванс од 11.284.162 денари (над 183.000 евра) за одржување на почетен состанок со правното лице, односно за официјално започнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени уште 26.247.138 денари (речиси 427.000 евра).

Со тоа, посочува ОЈО-ГОКК, Зекири го оштетил државниот буџет за 89.385.255 денари (1 милион и 453,5 милиони евра).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...