Македонија Ковачевски со новогодишна честитка: Никој, никогаш нема да биде оставен сам

Ковачевски со новогодишна честитка: Никој, никогаш нема да биде оставен сам

фото: принтскрин од видео / Влада на Република Северна Македонија

Во новогодишна честитка до граѓаните на земјава, премиерот Димитар Ковачевски порача дека во новата 2023 година државата ќе биде подобра за сите граѓани, ќе продолжи да напредува и да ги остварува целите.

Во видео-обраќањето Ковачевски рече дека платите и пензиите ќе продолжат да растат, дека се завршени многу проекти важни за државата и дека ќе продолжат новите инвестиции и догодина.

„Затоа што никого не оставаме сам. Никој, никогаш нема да биде оставен сам“, порача премиерот во новогодишното обраќање.

Ковачевски се осврна на годината што изминува, во која фокусот беше ставен на справување со последиците од ковид-пандемијата, како и од економската и енергетската криза, но и за исполнување на евроинтегративниот процес. Тој рече дека земјава мораше да носи тешки одлуки за европската иднина.

„Во исто време моравме да носиме тешки одлуки за нашата европска иднина. Тоа, за мене лично, беше најголемиот предизвик во мојот живот. Можеби и најтешкиот затоа што знаев дека сум одговорен за мојот народ, за секој еден граѓанин, за вашата, за нашата иднина. Оваа зима се погриживме сите македонски домови да се топли, исто како и овој. А тука сме да се погрижиме да има и доволно храна на сечија празнична трпеза. Сакам да искажам посебна благодарност до сите граѓани кои во овие празнични мигови неуморно и посветено работат за нашето здравје, нашата безбедност и нашиот мир“, рече Ковачевски во новогодишната честитка до граѓаните.