Македонија Ковачевски: Претстои период на анализи во однос на регулацијата на социјалните мрежи

Ковачевски: Претстои период на анализи во однос на регулацијата на социјалните мрежи

Изјавата на премиерот доаѓа откако министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека се разговара со институциите за ограничување на користењето на социјалната мрежа ТикТок во основните и средните училишта

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека пред институциите на нашата држава претстои период на анализи и на подготовка на регулативи и на регулација на користењето на социјалните мрежи, како и на содржините кои се споделуваат на нив.

Тој рече дека во време на интензивни комуникации, во време кога младите, но и повозрасните користат голем број социјални мрежи, дел од содржините не соодветствуваат на моралните и етичките стандарди кои сакаме да ги имаме во општеството.

„Затоа пред нас и не само пред нас, туку и пред другите држави претстои период на анализи, претстои период на подготовка на регулативи и на регулација на користењето на социјалните мрежи, меѓутоа и на содржини кои се споделуваат на социјалните мрежи“, изјави премиерот Ковачевски.

Инаку, изјавата на премиерот доаѓа откако министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека се разговара со институциите за ограничување на користењето на социјалната мрежа ТикТок во основните и средните училишта.

„Ако во безбедносните институции се потврди дека неколку ТикТок видеа од ученици се проценети како лоша употреба на платформата, заедно со МИОА, АЕК и другите институции, ќе ги разгледаме сите можности околу начинот на употреба на ТикТок како апликација“, рече Јетон Шаќири.

Претходно и пратеничката и претседателна на Либерал-демократската Партија (ЛДП), Моника Зајкова во саботата побара да се забрани ТикТок и социјалните мрежи што провоцираат насилство, бидејќи како што рече таа, во нашата земја сме биле сведоци на жртви од користењето на социјалните мрежи.