Македонија Ковачевски му се заблагодарил на Шоле за стратешкото партнерство со САД

Ковачевски му се заблагодарил на Шоле за стратешкото партнерство со САД

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со Дерек Шоле, советник на државниот секретар на САД. Ковачевски бил придружуван од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за одбрана, Славјанка Петровска, за внатрешни работи, Оливер Спасовски и за економија Крешник Бектеши.

На состанокот бил ставен акцент на големата поддршка од САД во натамошниот напредок на С. Македонија.

„Традиционалното, искрено и долгогодишно пријателство со САД има големо значење во развојот на демократските, реформските и интеграциските процеси на Македонија“, наведено е во владиното соопштение.

На средбата Ковачевски и Шоле разговарале за актуелни прашања од значење за евроинтеграциите на државава, за справувањето со економско-енергетската криза, за ситуацијата во регионален контекст. Ковачевски се заблагодарил за големото пријателство и стратешко партнерство со САД.

„Ковачевски оцени дека ова е многу важен состанок, со значаен претставник од САД, на кој има можност да се поразговара за најактуелните теми коишто се однесуваат на задржувањето на реформскиот курс на државата и на потребните одлуки што треба да се донесат во текот на 2023, со цел Северна Македонија непречено да ги продолжи преговорите со ЕУ“, пишува во соопштението од Владата.

Било разговарано и за претседавањето на нашата држава со ОБСЕ, при што Ковачевски посочил на подготовките на министерот Османи за презентација на приоритетите на македонското претседателство со ОБСЕ во текот на наредните денови во Виена.

Посебно внимание било посветено на справувањето со енергетската криза.