Македонија Ковачевски и Мицкоски ќе разговараат за техничката влада зад затворени врати

Ковачевски и Мицкоски ќе разговараат за техничката влада зад затворени врати

Како што рече Ковачевски, лидерската средба ќе се одржи откако претходно за тоа ќе решат партиските органи на СДСМ

Фото: Колаж од фотографии од ВМРО-ДПМНЕ и Влада на Република Северна Македонија

Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, и лидерот ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе имаат тет-а-тет разговор за техничката влада пред изборите, но средбата нема да биде најавена за медиумите, ниту тие ќе може да се надеваат на изјави веднаш по средбата.

Како што рече Ковачевски, лидерската средба ќе се одржи откако претходно за тоа ќе решат партиските органи на СДСМ.

„Ќе биде еден нормален разговор за реализација на тоа што е определено, согласно законот, односно распределба на ресорите во техничката Влада, изгласувањето на таа техничка Влада во Собрание“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето на обновениот пат Битола-Меџитлија.

На лидерска средба во Собранието на 4 декември беше договорено да се одржат избори за претседател на земјата и за идниот парламентарен состав.

Изборите треба да се одржат на 8 мај следната година, а на 100 дена пред изборите, треба да се формира техничка влада, со технички премиер избран од ДУИ – за што е веќе познато дека ќе биде сегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери.