Македонија Ковачевски и Брнабиќ го промовираа интегрираниот електронски систем за наплата на патарините

Ковачевски и Брнабиќ го промовираа интегрираниот електронски систем за наплата на патарините

Станува збор за брзо и ефикасно плаќање на патарините во Северна Македонија и Србија со помош на посебен ТАГ уред за бесконтактно електронско плаќање на патарина

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ денес, на наплатната рампа Прешево го промовираа заедничкиот интегриран електронски систем за наплата на патарините.
Станува збор за брзо и ефикасно плаќање на патарините во Северна Македонија и Србија со помош на посебен ТАГ уред за бесконтактно електронско плаќање на патарина, кој успешно функционира и овозможува непреченo движење преку териториите меѓу двете земји.

Според Ковачевски, ова е најдобра потврда дека „Отворен Балкан“ е иницијатива која, како што рече, дава резултати, функционира и луѓето ја сакаат.

„За само три месеци српски и македонски инженери успеаја да го направат решението за единствена електронска наплата на патарината. До следениот петок ќе биде направено решението за товарен сообраќај“, рече Ковачевски.

Тој ја истакна важноста на соработката со Србија во однос на размена на производи, услуги и работна сила.

Премиерката на Србија, Брнабиќ, истакна дека целта на „Отворен Балкан“ е да се олесни животот на луѓето на овие простори и да се олесне трговијата, со што како што рече, ќе стекнеме повеќе богатство, но и да го подигне стандардот на граѓаните.

Корисниците на електронскиот уред за наплата ќе можат да го користат постојниот ENP уред со негова реконфигурација и регистрирање на својата платежна картичка на едно од продажните места.