Македонија Ковачевски – Фон дер Лаjен: Силна поддршка од Европската Комисија за членството...

Ковачевски – Фон дер Лаjен: Силна поддршка од Европската Комисија за членството на Северна Македонија во ЕУ

Фон дер Лајен изразила очекување дека сите политички чинители во Северна Македонија ќе ја препознаат важноста на моментот за иднината на земјата и ќе делуваат во корист на европската интеграција на државата

фото: Влада на Република Северна Македонија

Европската Унија (ЕУ) останува да биде пријател и партнер на Северна Македонија и дава силна поддршка на постигнувањето политички консензус за уставните измени, во корист на земјата и регионот. Ова е пораката што ја добил премиерот Димитар Ковачевски на средбата со претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен.

Ковачевски и Фон дер Лајен се сретнаа во Братислава, Словачка, каде учествуваат на Глобалниот безбедносен форум ГЛОБСЕК 2023. На средбата присуствувал и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Од Владата на Република Северна Македонија информираа дека на средбата Ковачевски ја потенцирал заложбата на македонската влада за исполнување на реформите во клучните поглавја од пристапниот процес во ЕУ. Притоа, премиерот се заблагодарил за поддршката на Европската Комисија и партнерскиот однос во секоја фаза од процесот.

Ковачевски добил уверување од Фон дер Лајен дека ЕУ останува да биде пријател и партнер на земјава и изразила очекување дека сите политички чинители во Северна Македонија ќе ја препознаат важноста на моментот за иднината на земјата и ќе делуваат во корист на европската интеграција на државата.

„Двајцата соговорници ја потврдија посветеноста и ангажманот на Европската Унија за интеграција на земјите од Западен Балкан, истакнувајќи дека со тоа позитивно се влијае врз политички процеси и реформската агенда, стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет на нашите општества“, соопштија од Владата.

По немирите на Косово од пред неколку дена учеството на Глобалниот безбедносен форум ГЛОБСЕК 2023 го откажаа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти.