Македонија Ковачевски – Ескобар: Нашиот европски пат е силно поддржан од САД

Ковачевски – Ескобар: Нашиот европски пат е силно поддржан од САД

Во Северна Македонија се гледа како доверлив партнер на САД. И, во таа насока е споделено очекувањето дека сите политички субјекти во земјава ја имаат предвид историската и неповторлива шанса за ефикасен процес на зачленување во Европската Унија, по полноправното членство во НАТО, стои во владиното соопштение

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во рамките на работна посета на Њујорк, се сретна со заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

На состанокот на премиерот Ковачевски со високиот претставник на САД, Ескобар, разговарале за актуелни прашања од значење за стратешкото партнерство помеѓу Северна Македонија и САД и за состојбите во регионален и геополитички контекст, информираат од владината прес-служба.

На средбата е истакнато значењето на големото и искрено пријателство помеѓу Република Северна Македонија и САД, од независноста на државата до денес.

САД, како што е потенцирано во владиното соопштение, високо го ценат учеството на С. Македонија во мировните мисии, одговорното партнерство во НАТО и придонесот на земјава во стабилноста на Западен Балкан и со тоа и на Европа.

„Од овие причини, во Северна Македонија се гледа доверлив партнер на САД. И, во таа насока е споделено е очекувањето дека сите политички субјекти во земјава ја имаат предвид историската и неповторлива шанса за ефикасен процес на зачленување во Европската Унија, по полноправното членство во НАТО. Нашиот европски пат, како што беше нагласено на средбата, е силно поддржан од САД“, се вели во соопштението.

Премиерот Ковачевски се заблагодарил за огромната и континуирана тридецениска поддршка од САД.

„Поддршката од САД е од голема важност за унапредувањето на квалитетот на живот на македонските граѓани, за просперитетот и стабилноста на Северна Македонија, како и на целиот регион. Неопходно е во претстојниот период да донесеме уште една државничка одлука со што ќе ги осигураме евроинтеграциите – и Владата и јас лично сме силно посветени на оваа цел”, рече премиерот Ковачевски.

На средбата е разговарано и околу имплементацијата на реформите во државата, со фокус и кон владеењето на правото и борбата со криминал и корупција. Притоа е нагласена важноста на поддршката што ја добива С. Македонија од САД во процесите кои се значајни за граѓаните и за европските интеграции.