Македонија Ковачевски-Борел: Почетокот на преговорите со Северна Македонија е од геостратешки интерес за...

Ковачевски-Борел: Почетокот на преговорите со Северна Македонија е од геостратешки интерес за ЕУ

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија, Жосеп Борел, кој се наоѓа во работна посета на нашата земја и кој на средбата беше придружуван од шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир.

Премиерот Ковачевски и потпретседателот на ЕК Борел имаа тет-а-тет средба по што следуваше билатералниот состанок на двете делегации, на која од наша страна присуствуваа заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Ковачевски се заблагодарил на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на ЕК за неговата континуирана и цврста поддршка и лична заложба за Република Северна Македонија да добие датум за преговори без понатамошни одлагања и за иднината на Западен Балкан во Европската Унија, соопшти Владата.

На средбата уште еднаш е искажана осуда за неиспровоцираната и неоправдана војна на Русија во Украина, која бара од сите во Европа да дејствуваат во единство, цврсто и навремено.

За време на разговорот било нагласено дека Владата, со поддршка на ЕУ, продолжува со реформите и нивната имплементација во борбата против корупцијата, владеењето на правото, дигитализацијата и зелената агенда.

Ковачевски и Борел ја истакнале потребата за брзо дејствување и за остварување на стратешкиот интерес и придобивка на ЕУ од проширувањето со Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан како приоритет за европската безбедност.

Исто така, бил поздравен и „напредокот во разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија за изнаоѓање на достоинствена и победничка европска формула која би го деблокирала почетокот на пристапните преговори за Северна Македонија“.