Македонија Коцијанчич: Неизвесноста да заврши, влада мора да биде формирана без одложување

Коцијанчич: Неизвесноста да заврши, влада мора да биде формирана без одложување

Резултатите од неодамнешните парламентарни избори мора да се почитуваат, моменталната неизвесност да заврши и да се формира влада без понатамошни одложувања, изјавила портпаролката на Европската комисија (ЕК), Маја Коцијанчич, за „Радио Слободна Европа“.

– Како што Европската Унија повеќепати истакна, вклучително и Европскиот парламент, резултатите од неодамнешните парламентарни избори мора да се почитуваат, моменталната неизвесност да заврши, а влада мора да биде формирана без понатамошни одложувања, врз основа на тамошното парламентарно мнозинство – вели Коцијанчич, одговарајќи на прашање на РСЕ, како ЕУ ја коментира новата ситуација во македонското Собрание за избор на Комисијата за избори и за именувања.

Таа, повикувајќи се на претходните изјави на високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, на еврокомесарот Јоханес Хан и на Европскиот парламент, истакнала дека го охрабруваат претседателот Ѓорге Иванов итно да ја преиспита својата позиција.

– Сега очекуваме сите политички лидери и институции да овозможат демократските процеси да се одвиваат по својот тек, а тоа вклучува избор на претседател на Собранието без понатамошно одложување – вели Кочијанчич.