Култура Костадиновска – Стојчевска: Сo софтвер ќе „ловат“ дивоградби на охридското крајбрежје

Костадиновска – Стојчевска: Сo софтвер ќе „ловат“ дивоградби на охридското крајбрежје

„Колкав и да беше притисокот и инсистирањето дека во Општина Струга треба да има градби на одредени места, она што кажа Комисијата дека не треба така и се постапи“, рече министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска

Фото: Влада на РСМ

Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија и Националниот парк „Галичица“ преку посебен софтвер направиле скенирање на охридското крајбрежје по што ќе се утврдуваат дивоградбите, информира министерката за култура и претседател на Националната комисија Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Таа кажа дека до Националната комисија за УНЕСКО имало доставено неколку предмети, но и покрај притисоците и инсистирањето дека во општина Струга треба да има градби на одредени места, се постапило согласно закон и одлуките на Комисијата.

„Колкав и да беше притисокот и инсистирањето дека во Општина Струга треба да има градби на одредени места, она што кажа Комисијата дека не треба така и се постапи. Не само градоначалниците на Охрид, Струга и Дебарца што кажуваат, секаде каде што имаме заштитени споменични целини и каде што има право на одлучување Управата за заштита на културно наследство се постапува по закон, не се постапува ништо спротивно од закон“, кажа министерката.

Најголем дел од ингеренциите се на општините Охрид, Струга и Дебрца. Министерката посочи и дека законот за легализација на бесправно изградените градби е повлечен од собраниска процедура, токму поради забелешките од Националната комисија на УНЕСКО.