Македонија Костадиновска-Стојчевска ќе ја тужи Арсовска за клевети околу пожарот во Универзалната сала

Костадиновска-Стојчевска ќе ја тужи Арсовска за клевети околу пожарот во Универзалната сала

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, ги отфрла, како што рече „измислените лаги и скандалозни тврдења на градоначалничката Данела Арсовска дека знаела за пожарот во Универзална сала, а не пријавила“

Фото: Архива, Министерство за култура

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, ги отфрли, како што рече „измислените лаги и скандалозни тврдења на градоначалничката Данела Арсовска дека знаела за пожарот во Универзална сала, а не пријавила“. Таа најави тужба против Арсовска.

„Таа самата детално ќе објасни во тврдењата за мене. Изгледа добро ѝ оди со судски тужби. Ако сака да биде обвинител и истражител, нека повели. За клеветите ќе се видиме на суд. Не само што покажа негрижа за градот и немање слух, туку покажа и дека единствениот начин со неа е само преку суд“, рече Костадиновска-Стојчевска на денешната прес конференција.

Министерката за култура не сакаше да ги коментира причините за пожарот. Рече дека истрагата е во тек и дека истрагата ќе треба да покаже како се запали Универзалната сала.

„Универзална сала е осигурана и ќе им биде вратена на граѓаните. Таа не е личен имот на Данела Арсовска“, рече министерката.

Арсовска вчера на прес-конференција рече дека иако се сопственици на објектот, не биле информирани за отпочнување на градежните активности на концертната сала. По тврдењата на надлежните дека објектот е осигуран и штетата ќе биде покриена, градоначалничката бара одговор каде, кога и од кого е осигуран проектот и на која вредност.

Aрсовска рече и дека е нејасно зошто министерката за култура ако дознала за пожарот пред 9 часот, истиот не го пријавила и зошто ако работниците и инженерката на фирмата се обидувале да го гаснат пожарот и откако не го локализирале, не пријавиле и не побарале помош од Противпожарната бригада на Град Скопје, каде многу подоцна е пријавен пожарот од страна на случаен минувач.

„Веста за пожарот се ширеше толку брзо што за многу краток период беа преплавени социјалните медиуми од кадешто дознав јас и во истиот тој момент од ова работно место, од министерство за култура се упатив кон Универзалната сала“, одговори Костадиновска-Стојчевска.