Македонија Косовскиот суд ги ослободил двајцата првообвинети за убиствата од „Монструм“

Косовскиот суд ги ослободил двајцата првообвинети за убиствата од „Монструм“

Кривичниот суд во Приштина ги ослободил од затвор двајцата првообвинети во случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, пренесува весникот на албански јазик „Коха“.

Одлуката за ослободување била донесена по заседавањето на судот во Приштина, на кое било заклучено дека аргументите на обвинителството за сериозните кривични дела за кои се товарат Исмаиловиќ и Демири во Македонија, се неиздржани.

Според адвокатот на двајцата обвинети, Бесник Бериша, тие биле пуштени од затвор еден ден пред истекувањето на казната од две и пол години, на која се осудени поради незаконско поседување оружје. Тие беа уапсени во Приштина во март 2013 година.

Демири и Исмаиловиќ во Македонија се осудени на доживотни затворски казни, како првообвинети за петкратното убиство што се случи на Велики четврток, во април 2012 година, кај Смиљковско Езеро во близина на Скопје.

Кон средината на декември, Апелацискиот суд во Скопје ја потврди првостепнета пресуда со која шестмината обвинети за убиството на четирите момчиња и на средовечен маж се осудени на доживотен затвор. На Демири и на Исмаиловиќ им се судеше во отсуство.

И покрај, судската разврска, контроверзиите околу целиот случај „Монструм“ продолжуваат. Адвокатите на осудените, но и политички партии и функционери, меѓу кои и министерот за правда, Аднан Јашари, неколкупати побраа овој случај да го преземе специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.