Свет Балкан Косовската ветерна електрана „Бајгора“ започна со работа, има моќност од 102,6 мегавати

Косовската ветерна електрана „Бајгора“ започна со работа, има моќност од 102,6 мегавати

Фото: Karsten Würth on Unsplash

Германската компанија „Нотус енерџи“ ја заврши изградбата на ветерната електрана „Бајгора“ во косовската општина Митровица. Најголемиот енергетски капацитет во Косово за добивање на енергија од ветерот е со моќност од 102,6 мегавати, пишува Balkan Green Energy News.

Ветерниот парк се состои од 27 турбини кои беа пробно пуштени во функција во текот на изминатово лето. Планираното годишно производство ќе изнесува 320 гигават-часови електрична енергија. Производствениот век на овие турбини ќе изнесува 25 години.

Проектот беше развиен од СоВи Косово, кое претставува заедничко вложување на компанија за обновливи извори на енергија од Израел, заедно со партнери од Германија и Косово.

Ветерната електрана „Бајгора“ доби финансиска поддршка од 58 милиони евра преку кредит од Европската банка за обнова и развој, а во финансирањето на проектот учествувале Ерсте банка и НЛБ групацијата.

Косово во моментов ја има и ветерната електрана „Китка“, која што е турска инвестиција со инсталирана моќност од 32,4 мегавати, а дополнителни турбини со моќност 20 мегавати се градат во овој ветерен парк во втората фаза.

Додатна ветерна електрана „Будакова“ од 46 мегавати е планирано да се изведе во близина на Штрпце на југот на Косово. Инвеститори од странство во изминатиов период во Косово промовираа уште неколку слични проекти – „Чичавица“ и „Кожница“, кои треба допрва да се реализираат.