Свет Балкан Косово го одложи спроведувањето на правилото за влез во земјата, но барикадите...

Косово го одложи спроведувањето на правилото за влез во земјата, но барикадите останаа

Фото: Visem, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Косовската влада го одложи спроведувањето на реципрочните мерки за менување на српските регистарски таблички и издавање привремени документи за престој во Косово за српските граѓани за 30 дена. Сепак, овие мерки денес стапија на сила откако двата гранични пункта во Јариње и Берњак, на северот на Косово, останаа затворени за сообраќај.

„Одлуката за издавање влезно-излезен документ за граѓаните кои поседуваат документ за лична идентификација издаден од властите на Србија, а кои ја преминуваат државната граница на Република Косово, почна да се применува на ниво на земја“, соопшти косовската Полиција.

Од таму додаваат дека премините Јариње и Берњак и натаму остануваат затворени за сообраќај, истакнувајќи дека блокадите на патиштата во правец на овие два гранични премини со тешка механизација го вршат „организирани криминални лица и групи“.

Информациите потврдуваат дека вчера, на 31.07.2022 година, по блокирање на патиштата на северот на Митровица, во четири случаи имало истрели кон полициските единици, а во еден случај се слушнало дека имало детонација, велат од косовската полиција.

Во владиното соопштение кое косовскиот премиер Албин Кутри го сподели на Твитер наведено е дека одложувањето на примената на реципрочната мерка ќе почне да се спроведува под услов да се отстранат сите барикади од камиони и други возила кои вчера беа поставени на северот на Косово.

„Во соработка со нашите меѓународни сојузници, ветуваме дека ќе го одложиме спроведувањето на одлуките за автомобилските таблички и документите за влез-излез на граничните премини со Србија за 30 дена, под услов да се отстранат сите барикади и да се врати целосната слобода на движење“, напиша Курти.

Косовската влада го осуди попречувањето на движењето на северот на земјата и појавата на вооружени лица кои вчера пукаа.

„Ова сè е поврзано со тенденцијата да се дестабилизира Косово и да се загрози мирот и безбедноста на нашите граѓани и нашата земја. Попладнево и вечерта беа извршени повеќе агресивни дејствија, поттикнати и планирани од белградските власти“, истакнаа од косовската влада.

Курти, заедно со претседателоката Вјоса Османи и вицепремиерите Бислими и Гервала, вчера остварија средби со американски и европски меѓународни претставниции и се обврзаа дека Косово ќе го одложи спроведувањето на двете одлуки од 29 јуни 2022 година до 1 септември 2022 година, почнувајќи од тој момент во понеделник, 1 август 2022 година, откако ќе се отстранат сите барикади и ќе се врати целосната слобода на движење на сите патишта на северот на Косово.

Косовскиот премиер претходно изјави дека за ситуацијата на северот на Косово најодговорни се претседателот на Србија Александар Вучиќ и директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија Петар Петковиќ.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ ги повика земјите кои ја признаваат независноста на Косово да го земат предвид меѓународното право и реалноста на терен и да не дозволат да дојде до конфликт.

„Ова не е земја што предизвикува конфликт, ова не е земја што сака конфликт, но ова не е исто така земја што лесно ќе ја освоите. Ќе се молиме за мир и ќе бараме мир, но веднаш да ви кажам – нема да има предавање и Србија ќе победи“ изјави Вучиќ.