Економија Компанијата „Нордика“ ќе воведе летови од Талин до Охрид

Компанијата „Нордика“ ќе воведе летови од Талин до Охрид

Естонскиот авиопревозник „Нордика“ ќе почне да лета на авиолинијата Талин – Охрид – Талин, почнувајќи од 1 јуни 2018 година, најави „ТАВ Македонија“.

– Очекуваме дека со овие летови во текот на следното лето повеќе од 2.500 патници од Естонија ќе слетаат на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Со отворањето на директната авиолинија до Талин, всушност, отвораме еден сосема нов пазар за патници на охридскиот аеродром – изјави генералниот директор  на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Билетите се пуштени во продажба од денеска, со цени кои почнуваат од 99 евра.

Извршниот директор за развој на бизнисот во „Нордика“, Свен Кукемелк, вели дека целта е да пронајдат различни и возбудливи дестинации за одмор на Естонците.

– Многу луѓе ги посетиле Париз и Рим, но Македонија со нејзината фантастична природа и култура дефинитивно вреди да се посети. Кога избираме некоја нова дестинација, многу внимаваме и на тоа патниците преку неа да може да посетат уште неколку други земји во исто време – изјави Кукемелк.

„Нордика“ е националниот авиопревозник на Естонија и нуди голем број летови од Талин до различни европски дестинации. Во соработка со партнерските авиопревозници нуди поврзани летови до повеќе од 140 дестинации во светот.

Талин ќе биде петтата нова дестинација до која ТАВ воведе чартер-лет од охридскиот аеродром во изминатите две години.