Македонија Компаниите немаат доверба во тендерите на државните институции

Компаниите немаат доверба во тендерите на државните институции

На 14 од вкупно 18 анализирани тендерски постапки од јануари 2021 до јуни 2023, пријавена била само една компанија

Фото/Архива на Мета

Компаниите немаат доверба во институциите поради што многу малку од нив се подготвени да аплицираат на јавни тендери, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу. Тој информира дека од внатрешната ревизија што ја спроведе Министерството за информатичко општество и администрација за периодот 2021 – 2023 година се гледа дека компаниите се многу малку заинтересиорани да аплицираат на јавни тендери, што значи дека довербата на приватниот сектор кон државните институции е намалена. На 14 од вкупно 18 анализирани тендерски постапки од јануари 2021 до јуни 2023, пријавена била само една компанија.

„На средба со компаниите тие посочија дека една од причините за ова е што тендерската документација или не е јасна или е толку јасна што се гледа дека е направена за дел од приватниот сектор. Не сакам да верувам во тоа, зашто нашите колеги од МИОА се експерти и убеден сум дека може да имаме повеќе заинтересирани компании кои би аплицирале. Една од мерките за да го подобриме целиот овој процес ќе биде анализа на пазарот на трудот и во таа фаза ќе бидеме транспарентни, ќе имаме состаноци и јас лично ќе свикам прес-конференција. Од податоците на ревизијата имаме јасна цел како треба да се подобрат внатрешните процеси, но и нашата комуникација со приватниот сектор“, рече Алиу.